ФАДН – Farm Accountancy Data Network

Мрежата за сметководственио податоци од фарма (FADN – Farm Accountancy Data Network) е основана во 1965 година. FADN претставува анкетно истражување кое се одвива во земјите-членки на Европската Унија (ЕУ). Секоја година се собираат сметководствени податоци од преку 100.000 земјоделски стопанства во 27-те земји-членки на ЕУ. FADN е базиран врз примена на исти сметководствени принципи за евиденција на податоците од стопанствата во сите држави-членки на ЕУ. Сепак, мрежата не ги покрива сите земјоделски стопанства во Унијата, туку само тие чија големина им дозволува да се дефинираат како комерцијални стопанства. Стопанствата вклучени во FADN се селектираат врз база на случаен избор на ниво на секој регион во ЕУ.

Целта на FADN е дефинирана како сеопфатен инструмент за прибирање на сметководствени податоци потребни за:

(а) годишно одредување на приходите на земјоделските стопанства вклучени во примерокот;

(б) деловна (бизнис) анализа на земјоделските стопанства; и

(в) евалуација на влијанието на Заедничката земјоделска политика на ЕУ (CAP).

Податоците за FADN се собираат од повеќе извори, преку обрасци за водење на сметководствена евиденција на фарма, фактури, изводи и сл., и сето тоа се систематизира преку прашалникот за доходот на фарма (Farm Return Data Definitions,). Овој прашалник е основата на процедурата за прибирање на податоци за FADN и се пополнува за секое стопанство-учесник во примерокот со помош на обучени анкетари.

Прашалникот е поделен во 13 поглавја, и тоа:

  • Општи податоци за стопанството (A)
  • Сопствеништво на користената земјоделска површина (B)
  • Работна сила (C)
  • Број и вредност на добитокот (D)
  • Купување и продажба на добиток (E)
  • Трошоци (F)
  • Земја, згради и капитал (G)
  • Долгови (H)
  • Данок на додадена вредност (I)
  • Грантови и субвенции (J)
  • Производство (K)
  • Квоти (L)
  • Компензации за поледелско производство (M)
  • Регулативите по кои треба да се регулира ФАДН се објавени на ВЕБ страната на ФАДН http://ec.europa.eu/agriculture/rica/index.cfm

Во рамките на МЗШВ е формирано Одделение за ФАДН кое функционира како Агенција за врски со ФАДН во Брисел. Истото дава придонес во развојот на ФАДН во Република Македонија. Во Република Македонија, функционирањето на ФАДН е регулирано со Закон.